Тој е млад, талентиран и полн со енергија. За само 33 години зад себе веќе има животна приказна исполнета со музика, емоции и силна решителност. Станува збор за нашиот Трајче Гогов – момчето од преубавата Струмица кое денес на музичката сцена е познато под уметничкото име Ген, име што сѐ повеќе и погласно одекнува не само во Швајцарија, туку и низ целиот Балкан.
Тој уште од најрана возраст почнува да се интересира за ритамот и зборот, а на само 13 години ја пишува и снима својата прва хип-хоп песна. Од тогаш па наваму, музиката станува негово секојдневние и најсилен начин на изразување – простор каде што искреноста и личната приказна се претвораат во стихови.
Денес точно во 12 часот Ген на својот You Tube канал и социјалните мрежи ја претстави својата најнова песна „GLIZZY“, проект кој носи силна лична нота. Во видеото се појавува дете кое го глуми него како мал, симболично прикажувајќи го патот од детските соништа до денешниот артист. Токму таа визуелна приказна ја прави песната уште поемоционална – како краток филм за животот на еден уметник кој не се откажал од својата визија.
Во текстот Ген користи и интересна метафора. А името на новата песна и зборот „Glizzy“, кој во уличниот сленг е поврзан со Glock пиштол, кај него добива поинакво значење. За Ген, „glizzy“ е симбол за неговата музика и рап-вештина – алатката со која ги „испукува“ своите стихови и ја пренесува својата порака.

Инаку, видеоспотот за „Glizzy“ е снимен во Сараево, град кој со својата урбана атмосфера совршено се вклопува во естетиката на песната. Дел од сцените се снимени и во студио, каде Ген се појавува заедно со познатиот балкански артист Jala Brat, што му дава дополнителна тежина на проектот и го поврзува со регионалната хип-хоп сцена.
Зад песната стои интернационален тим: текстот е дело на Ген, битот го подготви Aiden Laier, миксот и мастерингот го работеше KC Blaze, додека пак видеото кое премиерно ќе го погледнете во продолжение е дело на Vemine Videos.
Со новиот музички проект „Glizzy“, Ген не нуди само нов сингл, туку и искрен увид во сопствената приказна – приказна за талент, упорност и вера во сопствениот глас. Ако досегашниот пат е показател, името Ген допрва ќе се слуша уште погласно на балканската музичка мапа.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
