По одличниот и феноменален концерт што Бојана Скендеровски го одржа во декември минатата година во Македонската филхармонија, каде што публиката уживаше во вечер исполнета со емоции, музика и незаборавна атмосфера, популарната македонска пејачка подготвува ново музичко изненадување.
Овој пат таа доаѓа во градот под Исарот – Штип, каде на 21 март ќе одржи концерт во Домот на културата „Ацо Шопов“. Датумот не е избран случајно – токму на почетокот на пролетта, кога природата се буди и сè започнува одново, Бојана сака заедно со публиката да ја прослави музиката, радоста и убавите моменти. Преку своите профили на социјалните мрежи, таа ги покани сите фанови, обожаватели и љубители на нејзината музика да бидат дел од оваа вечер исполнета со емоции.
„Драги мои пријатели, го најавувам мојот концерт на 21 март во Домот на културата во Штип. На сцената ќе ги изведеме најубавите песни заедно со мојот бенд составен од врвни музичари. Ве очекуваат емоции и многу музика на една сцена“, порача Скендеровски.

Убавата вест за сите љубители на музиката е што влезот на концертот е бесплатен. Сè што треба да направат заинтересираните е да подигнат карта од Домот на културата „Ацо Шопов“ во центарот на Штип и да бидат дел од ова музичко уживање.
Со овој концерт, Штип ќе ја дочека пролетта на најубавиот можен начин – со музика, емоции и добра енергија.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
