Во прв ред

Балканскиот феномен Јаков Јозиновиќ со два концерти кај нас – Скопје и Охрид подготвени

Балканската музичка сцена добива нов миленик – и тоа со брзина на светлина. Младиот хрватски пејач Јаков Јозиновиќ, кој за кратко време успеа да стане регионален феномен, најави дури два концерти во Македонија – во Скопје и Охрид.

Првиот настап е закажан на 9-ти април во Спортски центар Јане Сандански, додека летната магија ќе ја донесе на 3-ти август во Антички театар Охрид – локација која ветува незаборавна атмосфера под отворено небо. Она што го прави Јозиновиќ посебен не се само бројките – иако тие се импресивни. Неговиот хит „Ја волим“ експлодираше со милиони прегледи за рекордно кратко време, туку и неговата искреност и емоција, кои потсетуваат на некои од најголемите имиња од регионот.

Неговото музичко патување започна уште во 2018 година со учество во шоуто Ѕвездички, а подоцна продолжи и на Суперталент. Но вистинската магија се случи надвор од сцената – на улиците и плоштадите, каде што со гитара и глас ги освои срцата на случајните минувачи. Токму таму, пеејќи песни од легендите како Ѓорѓе Балашевиќ, Оливер Драгојевиќ и Здравко Чолиќ, Јаков ја изгради својата автентичност – мешавина од носталгија, романтика и младешка енергија.

Македонската публика веќе имаше можност да го запознае на Златна бубамара на популарноста, каде што ја понесе наградата за откритие на годината – уште еден доказ дека неговата ѕвезда е во постојан подем.

„Иако сум млад, ова некако природно дојде“, вели Јозиновиќ. „Растев со музиката на Оливер Драгојевиќ и Дино Мерлин, а Здравко Чолиќ сам го открив. Тоа е музиката што ја чувствувам и сакам да ја пренесам“.

Интересно е што во својот репертоар веќе има и македонски ноти – особено песни од Тоше Проески, а не крие дека сака да научи и уште повеќе од домашната сцена. Со ваква енергија, искреност и брз раст, едно е сигурно – концертите во Скопје и Охрид нема да бидат само настапи, туку вистинско емотивно доживување кое ќе се памети.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: