Претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, се огласи по скандалот што се случи за време на концертот на Цеца Ражнатовиќ во Велес, кога пејачката се појави со бугарското знаме. Според него, целиот случај е „вештачки надуен“, а потеклото на пејачката само го објаснува нејзиниот чин.
„Светлана Ражнатовиќ, родена Величковиќ, потекнува од селото Житораѓа. Тоа е место кое до 1877 година било дел од Бугарската егзархија, во рамките на Нишката епархија. Оттаму, не треба да биде никакво изненадување што чувствува блискост со бугарскиот народ и што го развеа бугарското знаме“, изјави Стојанов.
Тој нагласи дека се создава непотребна драма околу еден гест, и дека медиумите и социјалните мрежи „вештачки го потпалуваат огнот“ за да создадат конфликти таму каде што ги нема.
Настанот во Велес предизвика лавина реакции во јавноста дел од граѓаните сметаат дека се работи за намерна провокација, додека други ја бранат пејачката, велејќи дека нејзиниот чин нема политичка позадина. Стојанов, пак, смета дека сите овие реакции само покажуваат колку сè уште има нерешени историски предрасуди меѓу народите на Балканот.
„Еден концерт не треба да се претвора во политички инцидент. Ако Цеца покажала знаме кое ѝ е блиско по потекло, тоа не значи непочитување кон Македонија“, додаде тој.
Ова не е првпат јавноста да реагира на постапки на Цеца поврзани со национални симболи. Сепак, Стојанов тврди дека нејзината биографија и семејни корени се историски факт потсетувајќи дека регионот од каде што потекнува пејачката до крајот на XIX век бил под духовна и административна јурисдикција на Бугарската егзархија.
„Историјата не може да се избрише. Многу семејства од тој крај имаат бугарско потекло, и тоа е нешто што треба да се прифати како дел од реалноста, а не како навреда“, истакна тој. Додека македонската јавност останува поделена, Стојанов повикува на смиреност и рационален пристап.
„Уметноста не треба да биде поле за политички битки. Секој уметник има право на свој израз, а на публиката ѝ останува да одлучи дали ќе го прифати или не“, завршува неговата изјава.
