За неполна недела започнува “Eco Green Festival Mavrovo”. Како што велат самите организатори, фестивалот изобилува со богата музичка програма, како и со останата раздолика од егзибициониен натпревар во скијање на вода, прецизно слетување на параглајдеристи и падобрански скокови и “mountain bike” слалом возење, преку планинарска тура Маврово–Меденица–Маврово, искачување на Кораб, кружна ревијална велосипедска тура околу Мавровското езеро, до натпревари во влечење јаже, фрлање камен, брзо пилање и сечење дрва, како и спортски риболов на ситна риба на пливка и fly fishing започнувајќи од попладневните па се до утринските часови.
Од музичкиот дел, она што сепак нам ни е домен како музички портал, во Маврово на сцената присутните ќе можат да се забавуваат и да ги видат мегапопуларните македонски бендови “Леб и сол” и “Летечки пекинејзери”, како и популарните хип-хоп ѕвезди Гоце Саф и ЛД Пистолеро (Live + DJ SET) уште во текот на првата фестивалска вечер. Вториот ден пак освен планираните активности, на сцената музичка забава ќе приредат гајдаџиите, кавалџиите и музичарите со зурли и тапани, веќе попладнето свој дел ќе имаат познати ди-џеи како и детската музика. Вечерта ќе биде резервирана за одлична забава со настапите на реге бендот “Conquering Lion” како и настапот на групата “Shine”. Во доцните вечерни часови, по настапот на веќе споменатите бендови, присутните ќе можат да уживаат во DJ SET на најпознатите Антена 5 ди-џеи, DJ Nikifor, DЈ Lephonqe, DJ Iceberg, DJ Macki, настапи на Robotek, Ilina, Ogi surla, Aliber-Тетово, а веднаш по нив некаде околу 1 часот по полноќ ќе се одржи концерт на Dj Valentino Kanzyani и Dj Sabb, за овој концерт ќе ви бидат потребни посебни влезници.
И третиот и последен ден од “Eco Green Festival Mavrovo” ќе започне со искачување на Кораб, во текот на денот ќе се случуваат веќе планираните и предвидени активности од страна на организаторот, додека музичкиот дел од овој последен ден ќе започне со настап на Супер звездичките, потоа музичкиот дел ќе продолжи со традиционална македонста музика со зурли, тапани, кавали, како и настап на играорни групи. Веднаш потоа некаде околу 19 часот на сцената свој настап ќе има познатата македонска етно група “Calgia sound sistem”, потоа Дани Димитровкса и План Г, околу 22.30 присутните ќе уживаат со настапите на Томи Бојаџи, Igor Iox, DJ Zomax, DJ Brane trance, DJ Johan trance, DJ Koks trance. Последниот ден на фестивалот организаторот го предвиди за чистење на локацијата и околината од отпадоците и сметот кои изминатите неколку дена ќе ги создадат самите посетители.
За сите оние кои што секако се авантуристи и сакаат вакви забави, обезбеден е и бесплатен камп во самата близина на фестивалското случување. “Eco Green Festival Mavrovo” е комплетно бесплатен за сите посетители и заинтересирани, освен саботната вечер за која што цената на билетот изнесува 300 денари. Музичкиот портал Музика24 во оваа прилика доделува гратис билети за токму таа вечер, сите вие кои што сте заинтересирани можете да ни пишете на нашата фан страна Музика24 и секако да добиете по 2 гратис билети.
Подготви: Марија Поповска
