По цела деценија без соло материјал, Бруно Марс конечно ја отвори вратата од својата музичка тишина – и тоа со голем стил. Новиот сингл „I Just Might“ е официјална најава за неговиот четврти студиски албум „The Romantic“, кој ќе излезе на 27 февруари, а веќе се најавува како враќање на Марс во неговата најпрепознатлива форма – емотивен, софистициран и заразно мелодичен.
Како што се очекуваше, интересот е огромен. Пејачот веќе ја најави и светската турнеја што стартува во април, а според „Форбс“, во само еден ден биле продадени неверојатни 2,1 милион влезници, поставувајќи нов рекорд во музичката индустрија.
Интересно е што и покрај долгата пауза од соло проекти, Бруно Марс всушност никогаш не исчезна од сцената. Напротив – минатата година беше една од најуспешните во неговата кариера. Неговиот дует со Лејди Гага, „Die With A Smile“, стана песна која најбрзо достигна една милијарда преслушувања на Spotify, додека соработката со корејската ѕвезда Розе, „APT“, беше најстримуваната песна на Apple Music и ја освои титулата Песна на годината на МТВ Музичките награди.
Круната дојде со уште еден историски момент – Бруно Марс стана првиот музичар во светот со над 150 милиони месечни слушатели на Spotify, потврдувајќи дека неговата популарност не само што не избледеала, туку е посилна од кога било.
Со „I Just Might“ и албумот „The Romantic“, Марс јасно порачува: романтиката не е исчезната – само чекала вистински момент да се врати. А судејќи според бројките и реакциите, светот е повеќе од подготвен да ја пречека.
Текстот го подготви: Андреа Андреевиќ
