Познатата и легендарна шведска поп група АБА сериозно размислува да се врати на музичката сцена следната година по повод 40 годишнината од почетокот на нивната одлична кариера, изјави за германскиот неделник “Der Welt am Sonntag” пејачката Агнета Фалтског. Тие одбележуваат 40 години од појавата на хитот “Waterloo” со кој во 1974-та победија на Евровизија, по што следеше редењето на светски познатите хитови кои и ден денес со задоволство се слушаат, тука само ќе ги споменеме: “Mamma Mia”, “Dancing Queen” и “Super Trouper”.
“Враќање, секако дека размислуваме за тоа… Идејата нешто да направиме за да ја одбележиме годишнината е тука, но, сега не можам да кажам што од тоа ќе искочи”, изјавила 63-годишна Фалтског.
Агнета Фалтског ја формираше групата АБА во 1972-та година со гитаристот и подоцна нејзиниот сопруг Бјорн Улваеус и двојката Ани-Фрид Лингстад и Бени Андерсон. Нивниот последен албум “The Visitors” е продаден во повеќе од 380 милиони примероци. Благодарејќи на филмот “Mamma Mia” кој во 2008-та стана голем хит, кој се базираше на истоимениот мјузикл и од 2005-та година, во кој настапија ѕвезди како Мерил Стрип, Пирс Броснан и Колин Фирт, АБА им стана позната и на новите генерации. Меѓутоа, Бјорн Улваеус истата година призна дека боледува од губење на паметењето, како и дека не може да се сети на некои делови од својот живот, па и на победата на Евровизија.
АБА продаде за само една деценија постоење стотици милиони примероци од осумте албуми, а пред нив се само Елвис Присли и Битлси. Сеуште продаваат по неколку милиони копии годишно. Со нив се врзани многу новитети во снимањето на музиката, како и првите промотивни снимки кои станаа урнеци за подоцнежните видео спотови.
Интересно е исто така, што американскиот републикански сенатор Џон Меккејн во 2008-та година сакаше да ја користи музиката на АБА во својата претседателска кампања, но членовите на групата одбија. Во септември 2010-та година, данската десничарска партија Данска народна партија беше под закана од тужба затоа што на митинзите ја користеше песната “Mamma Mia” со малку изменет текст.
Подготви: Марија Поповска
