Беа победници на повеќето музички фестивали во Македонија, не претставуваа на Евровизија во 2009-та со “Нешто што ќе остане”, сега се присутни на македонската музичка сцена, но се појавуваат скромно, секогаш кога имаат што да покажат и промовираат. За тоа каде, со кого и како ќе ја прослави Новата 2013-та, разговаравме со фронтменот на групата Некст Тајм, Стефан Филиповски.
Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближуваат новогодишните празници, дали можеби и ти како некое мало дете го очекуваш својот подарок од Дедо Мраз, размислуваш… дали се чувствуваш некако посебно, новогодишно или ти е сеедно што е и се наближува Новата Година?
Стефан – Некст Тајм: Да бидам искрен не навлегувам во новогодишната еуфорија до тој степен, едноставно сакам да шетам низ градот каде што атмосферата самата по себе те прави да се чувствуваш посебно.
Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за најлудата ноќ во годината? Се снабдуваш со многу храна, купуваш подароци за најблиските, купуваш нешто за себе си или… ?
Стефан – Некст Тајм: Сакам да одам на шопинг и да си купам некое парче облека или пак некој нов лампион и да купам нешто за моите најблиски.
Музика24: Што всушност претставува за тебе предновогодишната еуфорија, пречекот за Нова година и како го доживуваш сето тоа? Дали досега ти се случило, како и на речиси сите останати, да те фати она новогодишното?
Стефан – Некст Тајм: Нормално дека никој не може да остане рамнодушен на Новата година. Убав и романтичен е тој период од годината, самата идила на снег и светилки, елки и девојка или жена (за кој како) до тебе го прави вистинскиот момент.
Музика24: Каде, како и со кого Стефан ќе ја прослави и пречека Новата 2013- година?
Стефан – Некст Тајм: Би сакал да настапуваме некаде со Некст тајм, меѓутоа ќе видиме, доколку не сме зафатени работно би сакал да бидат до мене моите најблиски, без разлика на тоа каде би прославиле.
Музика24: Според тебе, кој настан на музичко поле би го селектирал и издвоил како настан кој може да ја одбележи 2012-та, а која пак песна според тебе, би и дал титула песна на годината?
Стефан – Некст Тајм: Мислам дека доколку зборуваме за македонска музика, тоа е концертот што им се случи на Тавитјан на арената “Филип Втори”, никогаш во историјата немало повеќе народ на тој стадион, уште поубаво се прославуваше и денот на македонската независност и ме радува фактот што премногу луѓе дојдоа да одадат почит на тој концерт. А за песна, неможам да издвојам една, има повеќе.
Музика24: Кои се твоите односно вашите планови како група Некст Тајм? Што планирате и која е вашата агенда за 2013-та?
Стефан – Некст Тајм: Изминатава година и многу малку работи ни се случија. Решивме да направиме мала пауза од медиумите и издавање на песни, меѓутоа во Новата ќе работиме два пати повеќе за да надокнадиме на фановите за тоа. Сакаме да ни се случи голем концерт, сакаме да работиме на нови добри песни, на спотови и доколку се укаже шанса да бидеме слушнати и надвор од Македонија, меѓутоа се на се да се пласираат Некст Тајм таму каде што припаѓаат.
Музика24: И како за одјава на ова наше кратко и новогодишно интервју, кажи ни што би им посакал на нашите интернет читатели во 2013-та, а воедно и на вашите фанови и неуморни обожаватели-ки?
Стефан – Некст Тајм: Би сакал најпрво вас да ви се заблагодарам што сте тука за македонската музика, што преку вас сите наши фанови, па и фановите на останатите пејачи, ќе имаат можност за да прочитаат нешто за сите нас. Би сакал на сите да им ја честитам Новата година, да си поминат најубаво, но со памет, да ја подржуваат македонската музика – да не подржуваат нас, да останат настрана од улиците повеќе за книгата, да живеат здрав живот и секако се гледаме во 2013-та.
Интервјуто го подготви: Виолета Трајкоска
