Музичарот и фотограф Џулијан Ленон, син на легендарниот Џон Ленон, неодамна ја сподели својата животна приказна за борбата со рак на кожата, која започнала сосема неочекувано.
Џулијан откри дека за време на рутинска посета кај неговиот дерматолог во Лос Анџелес, бил дијагностициран со меланом – опасна форма на рак на кожата. Благодарение на брзата реакција на лекарите и нивната експертиза, неговиот живот бил спасен.
„Пред неколку години, пред да отпатувам за Њујорк, отидов на преглед кај мојот дерматолог, кој претходно ми го откри и успешно го оперира ракот. Таа буквално ми го спаси животот“, сподели Џулијан на социјалната мрежа Икс. Но, неодамна, додека престојувал во Њујорк, лекарот го контактирал со итна порака – на неговата кожа биле забележани две сомнителни промени, една на рамото и друга на подлактицата. Откриено било дека едната промена е меланом, кој барал итна хируршка интервенција.

„Наместо да се вратам дома и да се подготвам за празниците, морав веднаш да отпатувам назад во Лос Анџелес. Од аеродромот заминав директно во операциона сала, каде што хирурзите работеа неколку часа за да го отстранат ракот“, раскажа Џулијан. Иако операцијата поминала успешно, музичарот сè уште ги чека резултатите од биопсијата, кои се очекуваат пред Божиќ.
Преку својата приказна, Џулијан испрати силна порака до своите обожаватели: „Редовните прегледи можат да ви го спасат животот. Не го занемарувајте вашето здравје!“.
Неговите обожаватели му испратија илјадници пораки со желби за брзо закрепнување, истовремено благодарејќи му што подигнал свест за сериозноста на ракот на кожата.
