Игор Митровиќ кој е добро познат на нашата јавност ни откри дека како мал нестрпливо ги чекал подароците од Дедо Мраз. Почетоците на неговата музичка кариера се од 2007-та година со настапи на фестивали “Сами сме” (Охрид Фест) и “Фатална” (Макфест). Следуваа уште многу настапи низ Македонија, но не остана само на тоа, се прошета и прослави надвор од нашите граници. Победуваше и освојуваше награди, а ние се гордееме со него и го обожуваме. “Малечка” и “Сам без тебе” речиси и да нема кој не ги знае. Дали Новата година ќе ја дочека со своите блиски или работно ќе проследиме во продолжение.
Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува дочекот на Нова година?
Игор: Уште од мал ја сакам Новата година и едвај ја чекав, со нетрпение. И секогаш кога ќе се разбудев од спиење, прво одев до елката да ги видам поклоните од Дедо Мраз. Новогодишната еуфорија сеуште постои во мене, и и се радувам. Атмосферата е толку убава што иако е толку многу ладно надвор, те тера да излезеш и да се шеташ, и те прави среќен. Барем јас така ја доживувам Новата година. Домашното украсување ми е еден од омилените делови. Елката, лампионите, светеликите на прозор, божиќните песни… аххх, најубава атмосфера.
Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?
Игор: Немам некои посебни ритуали, се во завнисност од расположението. Поклони сакам да купувам и да подарувам, да ги изненадувам моите најблиски, а за себе си купувам по некое парче облека за да ми биде топло кога ќе излезам надвор на прекрасната ладна атмосфера. Храната е неизбежен дел од Новата година. Тој дел не ми е баш најомилен, бидејќи поради тоа секоја зима си дозволувам да качам некое килце повеќе, што не ми оди во прилог, но неможам да и одолеам на храната. Многу сакам изненадувања, а моите најблиски тоа многу добро го знаат и секоја Нова година знаат да ме изненадат со нешто посебно.
Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?
Игор: Секако дека ме фаќа таа новогодишна еуфорија. Го доживувам тоа како многу значаен момент за мене, бидејќи почнува Новата година, се што било во мината се завршило, и со нови сили, нови идеи, нови мотивации, нови предизвици стапнувам во наредната. Го сакам славењето на Нова година, без разлика дали го славам работно или сум слободен. Моментот дека е Нова година ми дава некое чувство убаво во мене, што не ми е важно каде сум, туку ми е важно со кого сум, иако секогаш се чувствувам послободен и по опуштен во потесен круг на пријатели.
Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш Новата 2013-та година?
Игор: Оваа година, за разлика од другите ќе ја прославам само приватно, нема никаде да настапувам поради оправдани причини. Ќе ја прославам во куќа кај мој пријател, каде што ќе бидеме повеќе поблиски пријатели. Не сакам ништо однапред да планирам, па ќе оставам на времето да си го покаже другото, иако сум сигурен дека ќе ми биде супер, бидејќи сум со луѓето кои ги сакам.
Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, која песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?
Игор: Оваа година, како и останатите изминати има толку многу големи и добри настани на музички план, и супер песни, што навистина не би можел да издовојам само еден настан или една песна.
Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?
Игор: Верувајте имам многу планови и идеи, кои што би сакал да ми изреализираат во Новата 2013 година, но не брзам никаде. Времето си го носи своето, но сепак треба да се биде одлучен и по малце напорен во тоа што го сакаш. Нема да ви ги откријам сите мои планови и замисли, но ќе ви ја кажам една од најголемите кои ми се, а тоа е да ми излезе моето првенче – албум. Ќе ви откријам и една тајна која што мене ми успева кога го правам следново. Секој почеток на Новата година на ливче си запишувам што сакам да ми се исполни во текот на истата, и верувајте дека оваа 2012-та година се што си запишав, се ми се исполни. Ви советувам и на вас, и на вашите читатели да го пробате овој трик.
Музика24: Што би им посакал во Новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?
Игор: Да уживаат во најубавата атмосфера додека трае, со тоа што да им продолжи исто така се убаво и во текот на целата 2013-та година, да им се исполнат сите неостварени желби до сега, да продолжат да ја слушаат и негуваат македонската музика, и да бидат среќни, здрави и исполнети со многу љубов. Имајте сите најубава забава за Новата година!
Интервјуто го подготви: Сања Неткова
