Тој е млад, харизматичен и неспорно талентиран. Се вика Никола Милосковски, има само 23 години, доаѓа од Куманово и денес го препознаваме како едно од најсвежите музички имиња на македонската сцена. Она што го прави неговиот пат интересен е фактот дека Никола никогаш не планирал да се занимава со музика – неговиот влез во светот на песната е резултат на еден случаен, но судбински момент.
„Сè почна сосема случајно“, вели Никола. „Со другарите постојано излегувавме по локални ресторани, и еден ден ми дадоа можност да отпеам неколку песни. Реакциите беа толку позитивни што ми дадоа поттик да продолжам“, додава тој.
Првата вистинска музичка шанса му ја дава пејачката Тања Јовановска, која не само што го охрабрува, туку и го поканува како придружен вокал на нејзините настапи. Од тој момент, започнува неговото музичко патување кое иако не било планирано, станува негова најголема страст.

„Се фокусирав да бидам сè подобар и подобар. Луѓето го препознаа тоа и денес имам можност да настапувам секој викенд во ресторанот „Дома“ во Куманово, каде што навистина уживам да ги забавувам и емотивно допрам моите гости“, раскажува Никола.
Никола неодамна го објави својот најнов кавер, и тоа за безвременската балада „Од љубави до мржње“ од легендарниот Џеј Рамадановски. Станува збор за интерпретација со силна емоционална тежина, во која Никола не само што ја пее песната, туку ја живее, внесувајќи лична нота и искреност што ретко се среќава.
„Каверите ги правам за да изразам како јас ја доживувам песната. Сакам луѓето да ја почувствуваат емоцијата, а не само да слушнат уште една верзија на истата песна“, вели тој.
И покрај музичките активности, Никола моментално работи во фирмата Mak Way Inc. во секторот логистика, но отворено признава дека се гледа исклучиво во музиката: „Музиката за мене е многу повеќе од хоби – тоа е мојата душа“. Неговите музички идоли се Тоше Проески, кого го смета за незаменлив уметник, и Ацо Пејовиќ, кон кого гледа со голем респект, особено кога станува збор за карактерот и односот со публиката.
„Главната инспирација ми се луѓето – нивните реакции кога пеам, кога гледам дека сум им разубавил вечер или разнежил некое срце. Тоа ме движи напред“, открива Никола. Покрај музиката, негови хобија се вежбањето во теретана, моторите и патувањата – летово одморал во сончевата Палма де Мајорка, но дури и таму музиката била секогаш со него.

Она што го издвојува Никола од останатите е неговата скромност и вистинска пасија за уметноста. Тој не глуми ѕвезда, туку се стреми да стане уметник. На сцена се чувствува како дома, а неговите интерпретации, без разлика дали станува збор за поп, балади или македонска евергрин музика, секогаш носат емоција. Во време кога многу млади бркаат брза слава, Никола оди по потешкиот, но посигурен пат – оној на искрен труд, квалитетна музика и органски раст. За него ова е само почеток, но ако судиме по досегашниот успех, пред него се отвораат врати што водат кон голема и значајна музичка приказна.
Без преголеми зборови и сензации, Никола Милосковски е едноставно едно младо момче што го следи својот сон – и тоа го прави со стил, душа и исклучителен глас – ова е само почеток на едно долго и успешно музичко патување.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
