Нашиот претставник во планетарно популарното шоу “X фактор”, Фифи, за музичкиот портал Музика24 отворено, искрено одговара за неа, плановите, сонот…
Музика24: Пред се честитки за влезот во полуфиналето и на ексклузивноста што први разговараме. Што за Вас претставува влегувањето во полуфиналето?
Фифи: Мене сеуште не ми се верува што се случува, ова е она за кое сонувам, се надевав и сега ми се остварува. Јас сум среќна! Конечно го живеам својот сон. Моето време допрва доаѓа, ова е само почеток на убавите работи кои следуваат.
Музика24: Со вашето појавување ја разбранивте јавноста, но сега повеќето Ве прифаќаат, подржуваат. Што според Вас беше пресудно за да Вие влезете во полуфинале, не некој друг?
Фифи: Талентот кој го поседувам. Многумина во Македонија пробаа да го оспорат тоа, но еве конечно и тие да сфатат дека згрешиле и дека не е убаво да судиш некого по изглед, најбитно е каков човек е. Но јас не им се лутам, благодарение на тие кои ме ставаа секогаш на страна, со мојата упорност денеска сум овде, шансата ми е дадена, а верувајте дека ќе ја искористам.
Музика24: Од кого добивте поддршка, а не ја очекувавте?
Фифи: Секоја поддршка ми значи. Од никого посебно не очекував, но добив повеќе од тоа. Многу мои колеги ми посветија статуси го постираа моето видео, неизмерно сум им благодарна на моите приjатели, малкумина се, но знам дека се вистински. Нивната поддршка ја имав секогаш. На facebook ми пишуваат луѓе кои не ги познавам, има и лоши критики кои ми се мотивација да одам напред и да го дадам максимумот од себе.
Музика24: На седми јануари започнуваат настапите во живо. Што да очекуваме од Вас?
Фифи: На седми јануари започнуваат настапите во живо, во моментов работам на тоа што подобро да ја претставам Македонија, а и себе си. Секојдневно со Маринела имаме проби, ги вежбаме песните, вежбаме кореографија. Не би сакала, а и не можам да ви откријам се, но очекувајте шоу.
Музика24: Предност ли е што сте во дуо, што не сте солисти?
Фифи: Да бидам искрена се до моментот додека не не споија со Маринела бев соло играч. Но поради правилата на “X фактор”, мораше вака да биде. Маринела пред се е добар човек, одличен пријател, ние се дружевме од самиот почеток. Енергијата која ја поседуваме не спои и на сцената. Одлично сме прифатени и од публиката, барем коментарите го покажуваат тоа и тоа е најбитно.
Музика24: Што после “X Factor Adria”? Имате ли планови? Знам дека ја препеавте “Намерно” на срски, снимивте и видео за истата. Кога ќе го промовирате?
Фифи: Планови има многу, пред се да заврши шоуто, па потоа следуваат многу нови работи. Во еден неврзан разговор со мој пријател ме праша: Зошто “Намерно” не ја снимиш и на српски? Ми се допадна идејата и во консултација со авторот и мојот менаџер Стефче Грозданов на кој сум му неизмерно благодарна за се што направил за мене, за неизмерната подршка, решивме и ја снимивме. Снимен е и видео спот со Адреналин продукција, спот како за македонската верзија, кој да бидам искрена незнам кога ќе се промовира, но знам дека и српската верзија ќе Ви се допадне. Сакам да Ви се заблагодарам за неизмерната подршка која ми ја давате. Музика24 е еден од моите омилени портали. Ви посакувам во Новата година голема читаност пред се, а се друго ќе си дојде, а на оние кои читаат Музика24 во Новата година им посакувам секоја желба, амбиција да им се исполни, нека не се плашат да бидат она кое се, да бидат свои. Нека 2014-та биде година во која ќе преовладуваат само убави работи. Ве сакам Фифи.
Интервјуто го подготви: Редакција Музика24
