Пејачката Гордана Лазаревиќ-Гоца годинава слави 50 години од нејзината музичка кариера, а по тој повод таа својот голем музички јубилеј го одбележа со солистички концерт во Белград, на кој присуствуваа бројни обожаватели, но и нејзини колеги од естрадата, кои дојдоа да ѝ дадат поддршка.
Гоца Лазаревиќ концертот го отвори со песната „Свилен конец“, по што следуваше емотивно обраќање до публиката. Не криејќи ја возбудата и тремата, пејачката призна дека целата трепери од емоции.
„Добра вечер, драги пријатели! Добра вечер од Србија, од регионот и на сите луѓе со добра волја кои живеете за љубовта, а музиката е љубов. Ви благодарам многу што дојдовте заедно да го одбележиме мојот прв солистички концерт во Белград, по моите први 50 години музичка кариера. Имам мала трема, целата треперам, но вие сте тука и ме сакате исто како што јас ве сакам.“-им порача Гоца Лазаревиќ, пејачка на присутните.

Таа истакна дека вечерта е посветена на пријателите, колегите и сите оние кои ја поддржувале во текот на нејзината долгогодишна кариера.
Пред почетокот на концертот, пејачката разговараше и со претставниците на медиумите, при што во својот препознатлив духовит стил зборуваше за тоа по што се разликува од останатите на естрадата. Сподели и дека нејзиниот поранешен сопруг нема да присуствува на концертот, а со шега одговори и на прашањето за нејзиниот сегашен партнер.
Со овој концерт Гоца Лазаревиќ одбележа пет децении музичка кариера, период исполнет со бројни настапи, песни и средби со публиката, која со години останува верна на нејзината музика.
Прилогот го подготви: Христијан Ангелески
