Филмската продукција „Парамаунт“ подготвува филм за легендата на светската реге музика Боб Марли, а веќе се знае кој ќе го глуми славниот музичар од Јамајка.
По обемна, повеќегодишна и светска потрага, Кингсли Бен-Адир, кој неодамна го глумеше Малколм Икс во „One Night in Miami“, избран е да го игра легендарниот музичар. Реиналдо Маркус Грин, кој неодамна ја донесе спортската драма „King Richard“ со шест номинации за Оскар, ќе го режира овој филм кој се уште нема наслов. Зак Бејлин, кој работеше со Грин на споменатиот филм, го пишува сценариото.
Студиото не откри конкретни детали за заплетот, но филмот ќе се фокусира на животот и кариерата на Марли. Сметан за пионер на реге музиката, Боб е роден во Јамајка, а започна да настапува во 1963 година со „The Wailers“. Како што одминуваше времето, тој стануваше сè попопуларен, а неговите хитови како „Jammin“, „Stir It Up“, „Get Up, Stand Up“, „Buffalo Soldier“, „Redemption Song“ се слушаа низ целата планета.
Претстојниот музички филм се снима со поддршка на семејството на Марли. Неговиот син Зиги Марли, неговата сопруга Рита Марли и ќерката Седела Марли, кои ќе ко-продуцираат во име на Туф Гонг. Продуцент ќе биде и Роберт Тејтел.
Покрај „One Night in Miami“, Бен-Адир глумеше и во серијата „High Fidelity“ на Хулу, „The OA“ на Нетфликс, а го видовме и во британската криминалистичка драма „Peaky Blinders“.
